Јубилејното 15 издание на Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“ ќе се одржи од 15 до 22 август во просторите на Куршумли ан, Музеј на Македонија, Сули ан, МКЦ и „Лабораториум“ во Скопје.
Фестивалот ќе се одржи под мотото „Копање емоции низ времето“, со оглед на тоа што изданието е посветено на архивите, за кое од „МакеДокс“ велат дека е скапоцено наследство што нè претвора во времепловци како ретко што друго.
Тематскиот сегмент „Земја во фокус“ годинава е фокусиран на кинотечните архиви од повеќе држави. Ќе бидат прикажани филмови од Централниот државен филмски архив на Албанија, Хрватскиот државен архив, Националниот филмски институт на Унгарија, Словенечката кинотека, Архивот на Југословенската кинотека, Црногорската кинотека, Бугарскиот национален филмски архив, Романскиот национален филмски архив и нашата Кинотека.