Традиционално, со звуците на „Триумфалниот марш“ од операта „Аида“ и палење на фестивалскиот оган, во Националната опера и балет вечер (9 мај), со почеток во 19:30 часот, ќе бидат отворени јубилејните 50. „Мајски оперски вечери“. Оваа година фестивалскиот оган ќе го запали оперската примадона Милка Ефтимова.
На јубилејното, 50. издание на овој реномиран фестивал ќе настапат домашни и светски режисери, диригенти, кореографи, оперски и балетски солисти. Во рамките на фестивалот ќе биде промовирана монографијата „50 години Мајски оперски вечери“ од д-р Александар Трајковски.
Фестивалот ќе биде свечено отворен со премиерата на операта „Норма“ од Винченцо Белини, под диригентската палка на гостинот од Италија, Енрико Довико. На 14 мај ќе биде изведен балетот „Госпоѓиците од Авињон“ по музика на Калиопи Букле. На 18 мај ќе се изведе „Лучија од Ламермур“ на Гаетано Доницети, на 21 мај – балетот „Жизел“ од Адолф Адам, а на 26 мај – операта „Турандот“ од Џакомо Пучини. Традиционално, на 31 мај манифестацијата ќе биде затворена со операта „Аида“ од Џузепе Верди.