Јубилејната, десетта традиционална манифестација „Среќна Баба Марта 2023“ ќе биде отворена за јавноста од денеска до 1 март, на вториот кат во „Капитол мол“ во Скопје. Организатор на настанот е Центарот за научно истражување и промоција на културата „ХАЕМУС“, а манифестацијата претставува дел од активностите поврзани со традиционалниот украс „мартинки“, како нематеријално светско културно наследство впишано на Репрезентативната листа на УНЕСКО.
Комплексниот настан содржи музејска поставка со автентични амајлии од повеќе држави, едукативни панели на неколку јазици, продажна галерија со ракотворби и детско катче во кое ќе се организираат интерактивни креативни детски работилници за правење мартинки.
– Со оваа десетта по ред манифестација заокружуваме убав мал јубилеј посветен на обичајот Мартинки. За овие десетина години создадовме многу материјал за овој обичај, во чии рамки спаѓаат и низа илустрирани читанки и боенки за деца и млади на неколку јазици, како и анимирано видео со превод на албански, турски и на англиски јазик. Минатата недела ја промовиравме нашата научна публикација „Mапирање на обичајот Мартинки во Скопје и Скопско“ како вовед во претстојниот настан „Среќна Баба Марта 2023“ – изјави Василка Димитровска, директорка на „ХАЕМУС“.