Од 19 до 23 јули во Охрид ќе се одржи 6. издание на Фестивалот на нов европски филм „Бич филм фестивал“ („Beach Film Festival“).
Фестивалот ќе биде отворен со проекција на краткометражниот филм „Сценарио“ на Александра Кардалевска и долгометражниот филм „Преекспонирано“ на Елеонора Венинова, а за затворањето е најавена проекцијата на словенечкиот филм „Нешто слатко“.
−Официјално основан во 2018 година, „Beach Film Festival“ (BFF) е фестивал кој се одржува под отворено небо, интердисциплинарен настан посветен на развојот на новиот европски филм и неговата идентификација како засебен културен феномен. Овогодинешното издание ќе се реализира на 4 локации: плажата Славија, бродот Армада, Сараиште и Младински центар Охрид −информираат од Центарот за социјални иновации „Блинк 42 – 21“ кои се организатори на фестивалот
Од таму додаваат дека фестивалот во својата програма обработува три официјални категории: долгометражни, краткометражни и студентски краткометражни филмови, а на репертоарот има и земја во фокус – Франција, специјална селекција и музичка програма.