Триесетина реномирани уметници од земјава и од странство до 31 овој месец ќе творат во Струга и околината на 6. Меѓународен ликовен симпозиум „Струга 2021“. Симпозиумот е во организација на Здружението за уметност и култура „SILINDAR’T“, а финансиски е поддржан од Министерството за култура.
Убавините на Струга, како што соопшти организаторот, ќе ги преточат на платно уметници од: Турција, Азербејџан, Казахстан, Украина, Босна и Херцеговина, Германија, Италија, Србија, Црна Гора, Косово, Албанија и Северна Македонија.
Планирано е и одржување на тркалезна маса со сите учесници на која ќе се дискутира за состојбата на ликовната уметност воопшто, за предностите и недостатоците на ликовните симпозиуми и колонии.
Стружани ќе имаат можност да ги следат уметниците во креирањето на своите дела, а последната вечер, на 30 јули, на шеталиштето покрај реката Црн Дрим ќе биде организирана изложба со делата реализирани во текот на Ликовниот симпозиум.