Со доделување на наградите и изведба на претставата „Чудна случка со кучето во ноќта“ на Драмскиот театар Скопје, вечер (31 мај) во 19:00 часот во салата на НУ Народен театар Битола свечено ќе биде затворен 25-от Интернационален „Фестивал на монодрама Битола 2024“.
Претставата ќе им биде посветена на наградените и на театарската публика што две и пол децении го следи фестивалот кој годинава се реализира под слоганот „Слободата живее тука“.
Претставата „Чудна случка со кучето во ноќта“ е авторска адаптација на Сајмон Стивенс направена според мотивите од романот на Марк Хадон. Режисер е Зоја Бузалковска, драматург е Александра Бошковска, костимите се на Елена Вангеловска и Раде Василев, а сценографијата е на Константин Трпеноски. Авторската музика е на Давид Ангеловски, а кореографијата и техниката „фри ранинг“ се на Симон Симоновски.
Улогите ги толкуваат актерите: Дамјан Цветановски, Трајанка Илиева Вељиќ, Александар Степанулески, Емилија Мицевска, Соња Стамболџиоска, Јасмина Василева, Филип Трајковиќ, Стефан Вујисиќ, Златко Митрески и Нела Павловска.