Во организација на Сојузот на композиторите на Македонија – СОКОМ, од 17 март до 3 април годинава во Филхармонијата, во Музејот на македонската борба за самостојност и во Националната опера и балет ќе се одржи 48. издание на фестивалот „Денови на македонска музика“.
Во единаесет концертни вечери ќе бидат претставени дела од над 30 македонски автори. Ќе настапат осум ансамбли и над 30 солисти, а во рамките на фестивалот ќе бидат одбележани и три значајни јубилеи на истакнати македонски композитори – Властимир Николовски (100 години од раѓањето), Стефан Гајдов (120 години од раѓањето) и Кирил Македонски (100 години од раѓањето), кои имаат клучна улога во формирањето на современиот македонски музички израз.
Публиката ќе има можност да проследи изведби на врвни солисти, хорски и оркестарски ансамбли од земјава и од странство, меѓу кои: Камерниот оркестар на Музичката младина на Македонија под диригентство на Ангел Спироски; гудачкиот квартет „Атака“; гудачкиот оркестар „Ајга“, кој ќе настапи под палката на Елена Митревска; оркестарот на Филхармонијата со маестро Борјан Цанев; дувачкиот квинтет „Филхармонија 5“ (Philharmonic5); дувачкиот квартет на ансамблот „Консонанс“; како и меѓународните гости: Ансамблот на ударни инструменти „Мурска“ од Словенија, пијано-триото „Астнид“ (Astnide) од Германија и други. Во духот на традицијата, фестивалскиот подиум ќе им биде отстапен и на младите – композиторите и студентите по музика.
Вовед во свеченото отворање на фестивалот на 17 март ќе биде изложбата на акварели „Мапирање на спокојот“ од македонската композиторка, професорка и истакнат културен деец, Јана Андреевска. Делата ќе бидат изложени во фоајето на Филхармонијата, а посетителите ќе можат да ги разгледаат од 13 часот.
Фестивалот се одржува под покровителство на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, а финансиски е поддржан од Министерството за култура и туризам. Влезот за сите настани е слободен.