Националниот џез-оркестар вечер во 20:00 часот во Националната опера и балет ќе одржи концерт на кој ќе гостува Марија Мендеш, португалска пејачка и композиторка што живее во Холандија, а настанот ќе има хуманитарен карактер.
– Средствата од продажбата на билетите ќе бидат донирани за семејствата на настраданите во пожарот во Кочани. Во фоајето ќе бидат поставени и кутии за донации во кои ќе може дополнително да се донираат средства – велат од Националниот џез-оркестар.
Музиката на Мендеш е уникатен спој на џез и португалска фадо-музика. Заедно со пијанистот и аранжер Џон Бизли, таа преработува стари фадо-песни во модерни џез-аранжмани. Токму овој материјал, дополнително обработен за биг-бенд оркестар од страна на Владимир Николов, кој ќе диригира, ќе се свири на концертот.