Во ликовниот салон во Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп вечер (3 септември) во 19:30 часот ќе биде отворена изложбата „Македонија во светот на хералдиката“.
Од прилепскиот Центар за култура информираат дека изложбата содржи 35 панели поделени во два дела, а на поставката ќе бидат претставени над 70 грбови од 14 до 21 век поврзани со Македонија.
Автори на изложбата се Иван Нацевски, потпретседател, и д-р Јован Јоновски, претседател на Македонското грбословно друштво, а ликовното уредување е на Димитриј Михајловски, од истото друштво, кое е единственото стручно тело по хералдика во државава. Промотор на изложбата е публицистот Ставре Џиков.
Изложбата по повод 8 Септември, Денот на независноста, и 10 Јуни, Светскиот ден на хералдиката, ја реализираат НУ Центар за култура „Марко Цепенков“ и Македонското грбословно друштво.