„Филхармонија на отворено“ годинава нè носи на футуристичко патување низ дел од филмографијата на најкреативниот режисер на сите времиња – Стенли Кјубрик, визионерот кој изврши огромно влијание врз светската филмска уметност. Концертот носи наслов „Одисеја 2024“, кој е инспирација од неговиот револуционерен филм „2001: Вселенска одисеја“. Со концертот, што ќе се одржи на 19 јуни во 19:30 часот во Градскиот парк Скопје, Националната филхармонија ја најавува и новата концертна сезона.
Под диригентската палка на маестра Дијана Имери-Илкоска, ќе бидат изведени музички теми од големите композиторски имиња од светот на класичната музика: Моцарт, Бетовен, Штраус, Росини, Хачатуријан, Елгар, Хендл, Пук и Шостакович, кои ги одбележаа маестралните филмови: „Одисеја 2001“, „Пеколен портокал“, „Бери Линдон“ и „Очи широко затворени“.