Меѓународниот фестивал на класична камерна музика „Скупи камерфест“(SKUPI KamerFest), чиј организатор е Здружението „Муза“, стана член на Асоцијацијата на европски фестивали. Едногласната одлука беше донесена на Генералното собрание на Асоцијацијата што се одржа во Гирона, Шпанија.
„Скупи камерфест“е меѓународен фестивал за камерна музика чија цел е да ја популаризира класичната музика, а истовремено да спои разновидни уметници за да ја поттикне културната размена и разбирање. Ова е втор фестивал од земјава кој заедно со фестивалот „Охридско лето“ (1994) е член на оваа елитна асоцијација. Со тоа нашата држава уште еднаш се најде на мапата на културните случувања во Европа.
Европската асоцијација на фестивали со седиште во Брисел, Белгија, е културна мрежа која над седум децении обединува 200 фестивали и фестивалски асоцијации од 40 земји.