НУ Драмски театар Скопје од вечер (15 октомври) до 20 октомври ќе биде домаќин на третото издание на Меѓународниот театарски фестивал „Рута“. Фестивалското отворање вечер ќе биде со претставата „Хеда Габлер“, во режија на Васил Христов, по текст на Хенрик Ибзен. Во претставата настапуваат: Сања Арсовска, Зоран Љутков, Владимир Петровиќ, Дениз Абдула и Сара Климоска.
Во фестивалската програма ќе бидат изведени претстави и копродукции од сите членки на Регионалната унија на театри: Београдско драмско позориште од Србија; Камерни театар 55 од Сараево, Босна и Херцеговина; Казалиште Улисис во копродукција со Театар Гавела од Загреб, Хрватска; Местно гледалишче Љубљана од Словенија настапува со претстава работена во копродукција со Београдско драмско позориште. Со свои претстави од годинашнава продукција настапуваат и Градско позориште Подгорица и Драмски театар Скопје.