Од 17 до 21 јули ќе се одржува седмото издание на Фестивалот на нов европски филм „Beach film festival“ во Охрид. Годинашното издание нуди богата програма со филмски проекции, едукативни работилници и музички перформанси на четири локации во Охрид, и тоа: плажа „Славија“, брод „Армада“, плажа „Сараиште“ и Младински центар Охрид.
Фестивалот ќе биде отворен со филмот „Живи и здрави“ (Forever hold your peace), а во главната програма ќе бидат прикажани уште шест долгометражни европски филмови, и тоа: „Rodeo“, „Summer to come“, „Afire“, „Milk“, „Some birds“ и „Pelican“.
На Фестивалот ќе бидат прикажани и 14 краткометражни филмови, вклучувајќи и филмови од домашната продукција, односно филмовите на Ана Јакимска, Елеонора Венинова, Јане Спасиќ и Димитар Банов, а за музичката програма ќе се погрижат бендовите „Sioto Jazz“ и „Xarakiri“, диџејките Baila, Dj MarТian и музичкиот дует SIZ.
Оваа година четиричлено жири ќе ги додели наградите „Голем бран“ за најдобар долгометражен филм и „Стефан Сидовски-Сидо“ за најдобро актерско остварување. Исто така, оформено е и тричлено жири што ќе ја додели наградата „Мал бран“ за најдобар краткометражен филм.
Фестивалот, кој од година во година станува препознатлив бренд на летната сезона во Охрид, започнува со уште еден тип програма – филмови за најмалите посетители и нивните блиски, кои ќе бидат прикажани на градската плажа „Сараиште“, каде што секој ден од 17 до 21 јули со почеток во 20:00 часот ќе има проекции на детски филмови, а влезот за нив ќе биде бесплатен.