Под мотото „Неопходна убавина“ од 14 до 17 август во Струга ќе се одржи 7. издание на Фестивалот на краток филм „Drim Short 2023“.
Програмата, како што најави организаторот, и годинава ќе биде распределена во четири фестивалски денови, со филмови во натпреварувачки категории и тоа регионална, интернационална, студентска и специјална програма „Соочување со минатото“, во селекција на режисерот Иван Бакрач. Покрај натпреварувачките програми, фестивалот ќе ја претстави специјалната програма „MK Special“ со цел промоција на македонскиот филм и младите македонски автори. Гостинските програми, оваа година се плод на соработка со „DocuFest“ од Косово и „Sarajevo Film Festival“ од Сараево.
Во соработка со Еко-свест, годинава ќе има ревијална програма на филмови, чија главна тема е екологијата и заштитата на животната средина.
Фестивалот, како што е наведено, по втор пат ќе биде домаќин на работилницата за краток филм „Fund Ready“, како дел од регионалната мрежа на фестивали за краток филм Balkan Short Film Network.