Денеска во Охрид завршува тродневната Втора меѓународна конференција во рамки на проектот „Млади европски приказни / Young European Stories“, што ја организира издавачката куќа „Чудна шума“.
Конференцијата се одржува под мотото „Кажи ДА за добра книга“ (кое е мото и на целиот проект „Млади европски приказни“), а учесници, покрај „Чудна шума“, се партнерите-издавачи од проектот: „Мителдојчер ферлаг“ од Германија, „Ибис графика“ од Хрватска, „Одисеја“ од Србија и издавачката куќа „Гаврош“ од Македонија.
На конференцијата во Охрид издавачите споделуваат искуства од својата работа и предизвиците со кои се соочуваат помалите, квалитетни и некомерцијални издавачи во Европа и пошироко, како и потребата за вмрежување, заедничка соработка и можностите за проширување на соработката во иднина.
Посебен акцент на конференцијата се стави на можностите за превод на квалитетни дела од помали јазици на поголемите книжевни пазари, како Германија, Италија, Франција, Шпанија, Велика Британија…
„Млади европски приказни / Young European Stories“ е тригодишен проект за превод, објавување и промоција на европски книжевни дела за деца и млади.
Во рамки на проектот ќе бидат преведени и објавени 14 книжевни дела за млади читатели од различни возрасти, од деца од предучилишна возраст, па сѐ до тинејџери од 16 до 19 години. Книгите се преведуваат од холандски, унгарски, хрватски, германски, норвешки, шведски, словенечки, турски и романски на македонски јазик, како и од македонски на хрватски и германски.
Проектот е кофинансиран од програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија и потпомогнат од Министерството за култура на РС Македонија.