Факултетот за ликовни уметности (ФЛУ) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, најстарата и најреномирана високообразовна институција и центар за развој на ликовната и визуелната култура во нашата држава, оваа година одбележува 45 години од своето основање. Сите активности на ФЛУ до крајот на 2025 година ќе се реализираат во чест на јубилејот со официјален датум – 31 март.
По тој повод, оваа недела на ФЛУ се одржува значајна работилница под наслов „Од дијагностика до конзервација: Напредни методи за анализа и чистење на уметнички дела“, наменета за студентите на ФЛУ. Тридневната работилница е организирана во соработка со Катедрата за конзервација на антиквитети и уметнички дела на Универзитетот на Западна Атика (UNIWA), Атина, Р Грција. Работилницата се одвива со поддршка од „Еразмус“ + и УКИМ.
Централен настан и официјална прослава на 45-годишниот јубилеј е ретроспективната изложба на 3 април во Музејот на современата уметност – Скопје. Со изложбата, ФЛУ и МСУ заеднички ќе ги претстават богатото наследство и креативниот придонес на Факултетот во развојот на македонската и регионалната уметничка сцена, симболично претставувајќи ги континуитетот и еволуцијата на уметничките изрази што се развиваа во текот на четири и пол децении.