Турскиот театар вечер ќе ја изведе претставата „Човек перница“ од Мартин Мекдона, во режија на Сибел Абдиу.
Драматургијата е на Сибел Абдиу, продуцент е Слободан Трајкоски, сценограф е Ујза Жури, а костимите ги изработи Диелза Минци.
Улогите ги толкуваат: Хакан Даци, Дин Ибрахим, Бурак Рахман и Јеткин Сезаир.
– „Човек перница“ е претстава која буквално манипулира со емоциите на публиката, преку трагични и комични дијалози, а се занимава со многу длабоки и кревки теми вклучувајќи злоупотреба, насилство, морална одговорност и политичка критика. Покрај тоа, ова дело е и критичка анализа за слободата на говорот, како и за злоупотребата и детските трауми како фактор во девијацијата на народите, почнувајќи од микрочовечкото општество, односно семејството – вели Сибел Абдиу, режисер на оваа претстава.
Од НУ Турски театар информираат дека приходите од билетите за претставата ќе бидат донирани за населението погодено од разорниот земјотрес во Турција.