Македонскиот пијанист со светско реноме, Симон Трпчески, концертната 2025 година ја започнува утревечер (петок, 17 јануари) во Темишвар, Романија, со оркестарската изведба на проектот „Македонисимо“. Придружуван од Симфонискиот оркестар на Филхармонијата „Банатул“ од Темишвар, под диригентската палка на Раду Попа, квинтетот „Македонисимо“ на овој концерт ќе го сочинуваат и Владимир Крстев на виолина; Александар Сомов на виолончело; Хидан Мамудов на кларинет, саксофон и на кавал, а зад удиралките ќе биде Влатко Нушев. Делото, изнедрено од богатата македонска традиционална музичка ризница низ аранжманите на Панде Шахов, ќе се најде на програмата заедно со дела од Шостакович и Гершвин.
Како што информира „КултурОп“, Трпчески веќе наредниот ден почнува со својата мастер-класа на Конзерваториумот за музика и балет во Љубљана, Словенија, додека концертните ангажмани ги продолжува во февруари со настапот во Нови Сад како солист на Војводинската филхармонија со диригентот Габриел Бебешелеа, три концерти во Балтимор со Симфонискиот оркестар од овој американски град под диригентската палка на Кристијан Мачелару и две вечери во Салата „Бетовен“ во Штутгарт, Германија како солист на Штутгартскиот филхармониски оркестар со маестро Јан Вилем де Фриенд зад диригентскиот пулт.