Третото издание на Скопскиот поетски фестивал ќе се одржи во периодот од 24 до 28 септември на неколку локации во Скопје, и тоа: во Младинскиот културен центар ‒ Скопје (кино „Фросина“), во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ ‒ Скопје и во кафе-книжарницата „Буква“.
Ќе гостуваат поети од Данска, од Малта, од Франција/Сирија, од Хрватска и од Србија, а ќе настапат и над 50 домашни поети. Официјалното отворање е закажано за 27 септември во 20:00 часот во МКЦ со настанот наречен „Воздух. Ветер. Дишење.“
Во програмата на Фестивалот се опфатени неколку поетски читања, како и промоции на книги, изложба на фотографии, ќе бидат прикажани неколку поетски филмови, ќе има музички концерт, мастер-клас или работилница за креативно пишување поезија, панел-дискусија за зголемување на видливоста на македонската книжевност во странство и јога во природа со поетска медитација.
Годинашното издание на Фестивалот, меѓу другите, го поддржаа и Министерството за култура и „Традуки“.