Француската претстава „Не чекај ме“ на францускиот театар „Снег на трпките“ од Нант денеска во Театарот за деца и младинци (ТДМ) ќе го отвори третото издание на Интернационалниот детски фестивал „Игор Маџиров“ кој ќе трае до петти октомври.
В среда (2 октомври) во 11:00 часот во Театар Комедија ќе се одигра претставата „Тогаш кога се изгубивме“ (Краљево, Србија), а во вечерниот термин во 19:30 часот во ТДМ ќе биде одиграна „Палешка“ на Куклениот театар од Љубљана. В четврток (3 октомври) во ТДМ во 11:00 часот гостува театарот „Бабец“ од Битола со претставата „На гости кај Кате и Фреда“, а во 19:30 во ТДМ е „Си беше еднаш еден лав“ од Бања Лука (БиХ). На 4 октомври (петок) во 11:00 часот во Драмскиот театар е „Парадевојче“ на Театарот од Зрењанин, Србија, во 17:00 часот во ТДМ е „Светско шоу на ѕвездите“ на Театарот „Караѓоз“ од Истанбул, а вечерта во 19:30 часот во Драмскиот театар е претставата „Дупка и копче“ – приказна за кројачот и неговата душа на Театарот од Рим, Италија. На 5 октомври (сабота) од 12:00 часот во Театар Комедија е претставата „По трагите на волкот“ на Младинскиот театар од Нови Сад, во 17:00 часот во ТДМ гостува Градскиот куклен театар од Риека, Хрватска, со „О, ла, ла“, а Фестивалот се затвора со „Франкенштајн“ во продукција на ТДМ, чија претстава е надвор од конкуренција. Пред изведбата на претставата ќе бидат прогласени победниците и ќе бидат доделени наградите на најдобрите на Фестивалот, за кои ќе одлучува жири-комисија.
Освен во ТДМ, Фестивалот ќе се одржува и на сцените на: Драмскиот театар, Театар Комедија и Македонскиот народен театар (МНТ), а придружната програма ќе се одржува на Факултетот за драмски уметности (ФДУ). На 2 октомври на ФДУ во 13:00 часот е мастер-класот со чешкиот режисер Јакуб Максимов, кој е автор на „Роња, ќерката на ограбувачот“, со која ТДМ освои многу интернационални и домашни награди.
Во рамките на Фестивалот ќе има и работилници за креативно пишување за млади таленти што ќе се одржуваат во просториите на ТДМ под менторство на: Драгана Лукан Николовски, Хана Миленковска и Давор Драгојевиќ од Црна Гора.
По повод Светската недела на детето, од ТДМ решиле цените на билетите за претставите да чинат 150 денари.