Во Софија, денеска се одржа третиот состанок на четвртата Работна група за билатерална соработка меѓу Република Северна Македонија и Бугарија која во фокусот ги има културата, образованието и науката, туризмот, младите и спортот.
Во изјавата за медиумите по завршувањето на состанокот, министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, истакна дека средбата која е во насока на забрзување на процесот на унапредување на добрососедските односи меѓу двете земји, поминала во пријателска и конструктивна атмосфера, со размена на мислења, ставови и идеи за подобрување на соработката во сите сегменти.
„Покрај нашата работа која го опфаќа формалниот дел на односите, во практика сме сведоци дека културата и уметноста, па и туризмот и спортот немаат граници, исто како што нема граница за младите таленти од секоја област во науката“, истакна министерката Костадиновска Стојчевска.
Сведоци сме на голем број индивидуални успеси на гостувачки проекти во двете земји, додаде таа и посочи дека работата врз формалните документи, меморандуми и програми за соработка во голем дел ќе ги олесни и актуелизира можностите за заедничка побрза комуникација на билатерален план, а и пред европските фондови.
Министерот за образование и наука на Бугарија, академик Николај Денков пак, истакна дека средбите се одвивале во духот на пријателството и изрази задоволство од напредокот во одосите меѓу двете држави.
„Покрај формалниот дел, одржавме и неформални средби. Во сите области имаме суштински напредок и конкретни проекти, а на средбата ни се придружија и од Еразмус. Уверен сум дека со нашата работа ќе ги забрзаме процесите за унапредување на добрососедските односи помеѓу нашите две земји“, рече министерот Денков.
Министерите за култура на Северна Македонија и на Бугарија, Бисера Костадиновска Стојчевска и Атанас Атанасов, во Софија, потпишаа и Програма за соработка во областа на културата меѓу Министерството за култура на Република Северна Македонија и Министерството за култура на Република Бугарија за периодот 2022 – 2025 година.
Програмата содржи повеќе новости, меѓу кои е и можноста за поврзување на Културно информативните центри на двете земји преку заеднички проекти, отпочнување на Програмата на мали грантови за промоција на млади уметници, а активно се работи и на Календарот на настани и на Активниот оперативен план.
На состанокот во Софија на кој учествуваа и министерот за образование и наука Јетон Шаќири и директорите на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност и на Агенцијата за млади и спорт, Марко Ѓоргиевски и Наумче Мојсовски. беа потпишани и Програма меѓу Владите на Република Северна Македонија и на Република Бугарија за соработка во областа на образованието и науката за периодот 2022 – 2025 година; Меморандум за соработка во областа на младите и спортот, како и Меморандум меѓу националните агенции Еразмус + и Европскиот корпус за солидарност.