Францускиот институт во Скопје годинава слави пет децении од своето основање и мисија за промоција и презентација на француската култура, мисла и јазик во земјава, и влог во културната размена меѓу Северна Македонија и Франција.
Отворањето на прославата за 50-годишнината на Францускиот институт е со танчарската претстава „Мозаик“ на светски познатиот кореограф Мурад Мерзуки што вечерва во 20:00 часот во Македонскиот народен театар ќе ја изведе француската театарска група „Кафиг“ .
Ова ексклузивно гостување на „Кафиг“ со танцовиот перформанс „Мозаик“ е подготвено во соработка со Танц фест Скопје 2024, со чиј настап ќе биде затворено и годинашното 20. издание на танцовиот фестивал. Меѓу содржините е и проекцијата на филмот што го отвори годинашниот Кански фестивал, „Втор чин“ од Кантен Дипје, кој ќе биде прикажан како претпремиера за целиот балкански регион на 5 јуни во „Синеплекс“, а програмата завршува на 28 јуни со уличен театар низ улицата „Македонија“.