Во Конгресниот центар на УКИМ во Охрид, на 17 август, ќе започне 56. Летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (МСМЈЛК при УКИМ).
На Школата којашто ќе трае до 31 август ќе учествуваат околу 70 странски македонисти и слависти од 18 држави – посветеници на македонскиот јазик, литература и култура. Пријавени се семинаристи од НР Кина, САД, Република Кореја, Италија, Франција, Грција, Турција, Полска, Словачка, Унгарија, Украина, Романија, Руската Федерација, Словенија, Хрватска, Србија, Албанија и Чешката Република.
Програмата на Школата е конципирана така што семинаристите ќе следат лекторска настава. Организирани се лекторски групи за сите нивоа на познавање на македонскиот јазик – почетно, средно и напредно – кое е со две поднивоа, за јазик, и за литература. На Школата ќе се одржат и единаесет предавања на еминентни истражувачи, за важни теми за македонскиот јазик, литература и култура, при што дел од нив ќе бидат во чест на важни јубилеи за македонистиката и за македонската историја кои се чествуваат во 2023 година.
-Пред сè јубилеите 120 години од објавувањето на книгата „За македонцките работи“ од Крсте Мисирков, како и 120 години од Илинденското востание и 100 години од раѓањето на Ацо Шопов. Во рамките на Школата ќе биде организирана и јазична работилница, а за семинаристите коишто се интересираат за македонскиот фолклор, традиционално ќе се одржи и курс по македонски ора. Во рамките на Школата ќе се одржат и промоции на книги, книжевни средби и интерактивни настани, а семинаристите ќе бидат специјални гости и на 35. меѓународна манифестација „Поетска ноќ во Велестово“, информира Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура.
Летната школа се организира со финансиска поддршка од Министерството за култура, а дел од програмските активности ќе се остварат и со поддршка од Општина Охрид.
По 56. Летна школа, од 1 до 3 септември, во Конгресниот центар на УКИМ во Охрид, ќе се одржи и јубилејната 50. Меѓународна научна конференција на МСМЈЛК при УКИМ.