Соработката во областа на културата меѓу Република Северна Македонија и Република Турција има свој континуитет и традиција и ги опфаќа сите сегменти од оваа област. Наша должност е да ги негуваме и да ги продлабочуваме искреното пријателство и соработката меѓу двете земји – е заклучокот од денешната средба на министерката за култура, Ирена Стефоска, со турскиот заменик-министер за култура и туризам, Ахмед Мисбах Демирчан.
На средбата заменик-министерот Демирчан ја информираше министерката Стефоска за подготовките на големиот Балкански филмски фестивал што кон крајот на годинава треба да се одржи во Истанбул. Во рамките на Фестивалот ќе биде организиран и Форум на филмски работници од сите балкански држави, со цел формирање филмска мрежа за соработка, бидејќи, како што истакна заменик-министерот Демирчан, токму кинематографијата е највлијателен начин за продлабочување на културните врски меѓу државите.
Соговорниците ја истакнаа и добрата соработка во делот на заштитата на културното наследство. Во тој контекст, министерката Стефоска ја подвлече и извонредната соработка со Турската агенција за соработка и координација (ТИКА), во делот на реставрацијата и конзервацијата на исламските споменици во Република Северна Македонија, притоа потенцирајќи ја потребата од поголема соработка со специјалисти од областа на заштитата на културното наследство од нашата земја.
На крајот министерката Стефоска и заменик-министерот Демирчан заклучија дека пандемијата од КОВИД-19 на многу начини ја смени реализацијата на проектите и програмите од областа на културата во целиот свет, и дека сето тоа влијаеше и во соработката меѓу културните работници од Северна Македонија и од Република Турција.