Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, денеска се сретна со амбасадорката на СР Германија, Петра Дрекслер, со која разговараше за можностите за унапредување на билатералната соработка во областа на културата меѓу двете земји.Во средечна и пријателска атмосфера, соговорниците се согласија дека потпишаната Спогодба меѓу македонската Влада и Владата на СР Германија за соработка во областа на културата, образованието и науката е одлична рамка за меѓуинституционална соработка и размена на уметници и проекти.Министерот Љутков нагласи дека Министерството за култура и туризам редовно ги поддржува проектите за претставување на македонските уметници во Германија, како и промоцијата на македонските автори и македонската литература на реномираните саеми на книгата во Лајпциг и во Франкфурт.Министерот Љутков го истакна и значењето на поддршката што нашите автори, преведувачи и организатори на фестивали ја добиваат преку Европската мрежа за литература и книги „Традуки“, која ја поврзува Југоисточна Европа со германското говорно подрачје. Беше потеницирана и добрата соработка со „Гете-институтот“ во Скопје, преку кој македонските граѓани и студенти во изминатите години добија низа можности за учество во континуирани програми преку стипендии, семинари за наставници и професори по германски јазик и друго.На средбата стана збор и за воспоставување соработка во областа на креативните индустрии, како и за интензивирање на меѓуинституционалната соработка преку размена на уметници и експерти во различни области.На средбата, амбасадорката Дрекслер упати покана до министерот Љутков да присуствува на приемот што ќе го организира Амбасадата на Германија во Скопје во почетокот на септември во чест на македонската менаџерка во културата, Искра Гешоска, која е една од тројцата добитници на престижната награда, медалот „Гете“.Љутков и Дрекслер се договорија добрата соработка и размена на проекти меѓу македонските и германските институции од областа на културата да продолжат и во наредниот период.