Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, денеска оствари средба со амбасадорот на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска во земјава, Метју Лосон.
На средбата беше потврдено пријателството во македонско-британските односи, поткрепено со одбележувањето на 30-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи со Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска минатата година во Кралскиот колеџ во Лондон.
Беше потенцирана и важноста на културната размена меѓу двете земји во согласност со потпишаната Спогодба за соработка во областа на образованието, науката и културата, како и силната определба за нејзино развивање и зацврстување.
Љутков информираше дека низ годините нашата земја беше домаќин на многубројни британски уметници кои учествуваа на значајни културни манифестации, како: фестивалот „Охридско лето“, Струшките вечери на поезијата и многу други културни настани. Беше потенцирано и значењето на преводите на делата од англиски јазик, кои преку Министерството за култура се достапни на македонски, како и на соработката во кинематографијата.
На средбата стана збор и за соработката меѓу Министерството за култура и Британскиот совет која овозможи развој на културните и креативните индустрии во нашата земја.
Министерот Љутков и амбасадорот Лосон на средбата ја потенцираа и важноста за уште поактивно унапредување на соработката во сите дејности од областа на културата. Амбасадорот Лосон упати и директна покана до министерот Љутков за присуство на Британската вечер во рамките на 64. издание на „Охридско лето“.