Потпишувањето на билатерална рамка која ќе овозможи размена на конкретни проекти и уметници, како и поголема комуникација меѓу институциите од двете држави, беа темите на кои денеска во Министерството за култура разговараа министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, и новоименуваната амбасадорка на Република Грција, Софија Филипиду.
На средбата, соговорничките се согласија дека со потпишувањето на Преспанскиот договор има продлабочување на односите во културата. Во тој контекст, се разговараше и за потпишување билатерален документ меѓу двете држави, кој ќе биде од особено значење за унапредување на соработката во овој сегмент.
Костадиновска-Стојчевска ја истакна важноста на потпишаниот Меморандум за соработката меѓу Министерството за култура на Република Северна Македонија и Европскиот центар за византиски и поствизантиски споменици. Во согласност со Меморандумот, додаде министерката за култура, Заводот и музеј од Битола и Европскиот центар за византиски и поствизантиски споменици изработија проект за заштита и конзервација на црквата „Св. Ѓорѓи“ во Курбиново и се очекува работите на терен да започнат веќе во втората половина од 2023 година.
Беше изразен и интерес за учество на нашата земја со културни содржини во рамките на манифестацијата „Елефсина – Европска престолнина на културата за 2023 година“.
Грчката амбасадорка Филипиду, пак, на средбата ја потенцираше видливата соработка меѓу музичките фестивали во двете земји, како и задоволството од соработката на музеите за современа уметност од двете земји, која веќе дава одлични резултати. Таа пројави интерес за посета на другите национални установи во Република Северна Македонија кои може да се поврзат со сродните институции во Република Грција.
На крајот, министерката Костадиновска-Стојчевска, пожелувајќи ѝ успешна дипломатска мисија на новата амбасадорка Филипиду, изрази очекување пријателските односи и соработката во областа на културата меѓу двете земји да се засилуваат и да се продлабочуваат со уште понагласена динамика за време на нејзиниот мандат.