Министерката Бисера Костадиновска-Стојчевска и амбасадорот на Албанија, Фатос Река, на денешната средба изразија задоволство од досегашната успешна соработка во областа на културата меѓу двете соседни и пријателски земји. На средбата посебен акцент беше ставен на состојбата во Охридскиот Регион и насоките за дејствување преку соработка на сродните институции од двете држави.
Во тој контекст, на средбата стана збор и за неодамнешната посета на министерката Костадиновска-Стојчевска на Тирана и средбата со министерката Елва Маргарити, како и за претстојниот работен состанок на високо ниво посветен на состојбите во Охридскиот Регион што кон крајот на април годинава ќе се одржи во Поградец, Република Албанија.
Амбасадорот Река ја информираше министерката Костадиновска-Стојчевска за турнејата на Државниот ансамбл при националната опера и балет од Тирана, како и за можноста за концерт и во Скопје. Тој изрази задоволство и од успешната реализација на Неделата на албанскиот филм што кон крајот на минатата година се одржа во Кинотеката на Северна Македонија.