Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, и амбасадорот на Република Бугарија во Скопје, Ангел Ангелов, на денешната средба се согласија дека двете држави имаат добра соработка и размена на проекти во сите дејности на културата.
На средбата, на која беше присутна и Антонија Велева, директорка на Културно-информативниот центар на Република Бугарија во Скопје, беше истакнато дека добрата практика на размена на содржини меѓу големите и престижни фестивали, како и на претстави и други уметнички проекти, треба да продолжи.
Соговорниците изразија надеж дека успешните проекти и во иднина ќе бидат добра промоција за културата на Балканот и во Европа. Како пример беше наведена изложбата „Требеништа“, која беше резултат на неколкугодишната соработка меѓу Националниот археолошки институт со музеј при БАН – Софија, Народниот музеј на Србија – Белград, Археолошкиот музеј – Скопје и Заводот и музеј – Охрид.
Изложбата, која отвори многу можности за соработка меѓу институциите во регионот, наредната година ќе биде претставена пред публиката во Република Србија.