Во киното „Манаки“ во Битола вечерва (10 август) во 20 часот со битолската премиера на филмот „Некрстени денови“ (Ballad of Piargy, 2022), дело на македонскиот реномиран режисер Иво Трајков, свечено ќе започне Фестивалот „300 Работи, Триста“.
Во рамките на фестивалската програма, во Офицерскиот дом во Битола, пак утревечер (11 август) во 20 часот ќе биде промовирана книгата – „Прирачник за сценаристот: Водич на писателот за сценарио за документарни и играни филмови“ на Игор Трајковски-Фоја, на која рецензенти се Иво Трајков, Томаш Петрањ, Антонио Митриќески и Сашо Кокаланов.
Промотор на книгата е нашиот познат актер Марјан Георгиевски. Покрај промоцијата на оваа дело, ќе биде отворена и ликовната изложба „Лиминал“ од младата и преспективна авторка, Јана Танчевска. Овој настан ќе биде збогатен со музички изведби од Николче Петкоски.
Затворањето на фестивалот ќе биде на 12 август во 20 часот во просторот пред кафе-бар „Радост“, со проекција на краткометражниот игран филм „Синиот час” на Ана Јакимска.
Покрај филмот ќе биде промовирана и книгата „Колегиумски записник 010“, збирка на литературни дела, фотографии, дизајни и цртежи. Овој зборник е продолжение на низата „Колегиумски записници“ реализирани во претходниот период. Предвидена е и изложба на фотографии и ликовни дела од млади автори, а целиот настан ќе биде збогатен и со музички настап на „Box Beater“.
Фестивалот „300 Работи, Триста“ е една од поистакнатите културни манифестации во Битола и регионот, која веќе привлекува бројни посетители и учесници.
Досега, на фестивалот се претставени повеќе од 180 уметници од различни делови на светот, меѓу кои и од Србија, Албанија, Франција, Италија, Грција, Шпанија, Чешка, Словачка, Естонија, Финска, Индија, Р. Кина, САД, Канада и од други земји.