Со Третата зимска школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (МСМЈЛК при УКИМ) на која ќе учествуваат над 40 странски македонисти од 17 држави ќе започне чествувањето на големиот јубилеј – 100 години од раѓањето на великанот на современата македонска литература и култура, Ацо Шопов. Школата ќе се одржи виртуелно, од 23 до 28 јануари 2023 година. Таа е и првата активност што се спроведува од низата опфатени и со националната програма „2023, година во чест на Ацо Шопов“.
На Школата се пријавени учесници од: Кина, Виетнам, Соединетите Американски Држави, Австралија, Турција, Полска, Словенија, Чешката Република, Унгарија, Грција, Бугарија, Романија, Молдавија, Руската Федерација, Хрватска, Србија и Босна и Херцеговина.
По Третата зимска школа, МСМЈЛК при УКИМ планира и други активности посветени на Шопов во текот на оваа година, од кои дел веќе се опфатени во националната програма „2023, година во чест на Ацо Шопов“.
Инаку, Зимската школа на МСМЈЛК при УКИМ за првпат се одржа во 2021 година, како прва активност во рамките на програмата за одбележување на 100-годишнината од раѓањето на Блаже Конески.