„Шопско село“ е новооснована манифестација со која годинава започнуваат празничните фестивалски денови во Крива Паланка, посветени на патронот и заштитник на градот „Свети Јоаким Осоговски“ и на манифестацијата „Крива Паланка – град на културата 2024“. Организаторите информираат дека повеќедневната манифестација има фолклорен, етнолошки и забавен карактер и ги презентира духовната и материјалната култура на Шопскиот етнички ареал (ШОПЛУК), којшто се простира на териториите на Србија, Бугарија и на Македонија, меѓу кои е и Кривопаланечкиот Регион.
Од 20 до 25 август, Крива Паланка ќе биде местото каде што ќе се одржи фолклорен мегдан на игроорци од земјава и од странство, гастрономска ревија на локални и на регионални специјалитети и базар на автентични занаети и ракотворби.
Имено, манифестацијата ги обединува Меѓународниот фолклорен фестивал „Свети Јоаким Осоговски“, Фестивалот на храна и Фестивалот на занаети и ракотворби, создавајќи атрактивен културно-туристички пакет за привлекување повеќе гости и посетители на градот.
Централен настан на манифестацијата е Меѓународниот фолклорен фестивал „Свети Јоаким Осоговски“, кој годинава се одржува по 19. пат, а на трите фестивалски вечери ќе настапат фолклорни друштва од Турција, Србија, Бугарија, БиХ и од нашата држава што ќе дефилираат и ќе имаат концерти на сцената на Градскиот плоштад.
Во рамките на Фестивалот, на 21 август ќе се одржи мастерклас за културното наследство на Крива Паланка и околината со етнокореологот Бојан Петровски и проекција на филмот за Дурачка Река „Не плети лесо“ со презентација на елементи од облеката од етничките предели Дурачка Река, Источен дел на Славиште и Средорек. На 22 август, пак, следува семинарот „Традиционалната култура во Крива Паланка“ со предавачите: проф. д-р Зоранчо Малинов, проф. д-р Родна Величковска и проф. д-р Стојанче Костов.
Истовремено, од 20 август започнуваат и Фестивалот на храна и Фестивалот на занаети и ракотворби на Градскиот кеј во Крива Река, со почеток од 18 часот. Учествуваат локални и регионални угостители, занаетчии и ракотворци кои ќе ги презентираат автентичната храна и занаетите карактеристични за нивното поднебје.