Со концерт на Ансамблот за народни игри и песни „Танец“, вечер во 20:30 часот на големата сцена на Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид свечено ќе биде отворен 63. Балкански фестивал на народни песни и игри.
Традиционално, пред почетокот на концертот, учесниците на меѓународната фолклорна манифестација ќе продефилираат низ Охридската чаршија. Дефилето ќе започне пред Центарот за култура „Григор Прличев“ во 19:00 часот.
Инаку, програмата на најстарата фолклорна манифестација на Балканот започна вчера, 2 јули, со изложбата „Моменти“ од авторот Антонио Стојчески.
Шеесет и третото издание на Балканскиот фестивал на народни песни и игри се одржува со поддршка од Министерството за култура и туризам.