Со изведба на моќната и возбудлива сценска кантата „Кармина Бурана“ од германскиот композитор Карл Орф, вечер во 20:00 часот Националната опера и балет ќе ја отвори новата сезона. Од НОБ информираат дека билетите за претставата се веќе распродадени.
Диригент ќе биде Иван Еминовиќ. Кореограф и либрето: Кан Арслан, cценограф: Миодраг Табачки (Србија), костимограф – опера: Елена Дончева, костимограф – балет: Гизем Бетил (Турција)… Настапуваат солистите на операта:
Надe Талевска, Благој Нацоски, Денис Димоски, како и солистите на балетот: Марија Кичевска Шокаровска, Ивана Коцевска, Христина Наќевска, Наташа Трендафилова Гицев, Франциско Хименез Руиз (Шпанија), Балаж Лочеи (Унгарија). Настапуваат: Хорот, Оркестарот и Балетот на Националната опера и балет
Ноември во Националната опера и балет ќе биде посветен на одбележување на 100 години од смртта на италијанскиот композитор Џакомо Пучини. За 8 ноември е најавена „Боеми“, на 16 ноември е „Мадам Батерфлај“, на 23 ноември е „Тоска“ и на 29 ноември е закажана „Турандот“. Претставите ќе бидат со странски диригенти и пејачи.
Информациите за претставите во ноември и билетите се достапни на веб-страницата www.operabalet.mk.