Почитувани медиуми, во врска со вчерашното соопштение на Синдикатот на културата на Република Македонија (СКРМ) и нивните наводи во однос на сè уште неизвршената исплата на плата на вработените во НУ „Охридско лето“ – Охрид за месецот август 2024 година, Министерството за култура и туризам на РСМ, со цел правилно и вистинито информирање на јавноста, го доставува следниов одговор:
Националната установа „Охридско лето“ – Охрид, во согласност со Законот за буџети и Законот за извршување на Буџетот на РСМ за 2024 година, е должна утврдените средства во буџетот да ги користи наменски, рационално, економично и ефикасно. Буџетските корисници кои во својот состав имаат единки корисници се должни да го контролираат наменското и законитото користење на средствата со кои располагаат единките корисници.
Буџетските корисници и единките корисници не смеат да преземат обврски или да направат расходи над лимитот на одобрените средства со Буџетот.
Исплатата на плати на буџетските корисници од централната власт и единките корисници ја одобрува Министерството за финансии.
Раководното лице на буџетскиот корисник и единката корисник се одговорни доставеното барање за одобрување на средствата за плати да е во согласност со закон.
Сето горенаведено подразбира министерот за култура и туризам и вработените државни службеници во Министерството за култура и туризам да извршат проверка на законитоста и исправноста на изготвената пресметка на плата за месец август 2024 година за НУ „Охридско лето“ – Охрид, таа да е во согласност со Законот за работните односи, Колективниот договор за културата и Законот за извршување на Буџетот за тековната година во делот којшто се однесува на исплата на додаток на плата за прекувремена работа, работа во ден на неделен одмор – недела, како и работа во ден на празник, а во насока на претходно преземени дејства од страна на раководните структури на Националната установа (директор и Управен одбор) преку почитување на одредбите од горенаведените прописи коишто го предвидуваат и го пропишуваат начинот на пресметка на плата.
Од страна на Министерството за култура и туризам до овој момент се преземени дејства и се информирани: Министерството за финансии – Сектор за финансиска инспекција во јавниот сектор, Државниот инспекторат за труд на РСМ и Државната комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка за сторените неправилности во пресметката на плата за вработените во НУ „Охридско лето“ – Охрид за месеците јуни, јули и август 2024 година.
До овој момент, Министерството за култура и туризам сè уште не е известено од страна на горенаведените државни органи во однос на исправноста или неисправноста на доставената пресметка на плата за наведените три месеци.
Со цел да не дојде до застој во остварувањето на правата од работен однос на вработените во НУ „Охридско лето“, Министерството за култура и туризам испрати писмен допис до НУ „Охридско лето“ – Охрид во кој е укажано да достават нова пресметка на плата за месецот август 2024 година, која ќе биде изготвена без вклучени додатоци на плата, а за што до овој момент од страна на одговорното лице на Националната установа не е постапено и пресметката сè уште не е доставена до Министерството за култура и туризам.
Вработените во НУ „Охридско лето“, доколку не сакаат да ја чекаат одлуката на државните органи коишто одлучуваат по жалба во втор степен во делот на исправноста или неисправноста на постапувањето на раководството на Националната установа „Охридско лето“, своето право од работен однос во делот којшто се однесува на исплата на додаток на плата можат да го остварат преку поведување постапка пред редовен надлежен граѓански суд доколку оценат дека претходно кумулативно ги исполниле сите законските услови од горецитираните законски прописи кои го предвидуваат тоа.
Повикувањето на СКРМ дека Министерството за култура и туризам има обврска да го почитува членот 8 став 4 од Законот за извршување на буџетот за 2024 година, истакнуваме дека со досегашните преземени дејства од Министерството, тоа е направено од страна на министерот за култура и туризам.
Министерството за култура и туризам ја информира јавноста дека НУ „Охридско лето“ – Охрид е должна да го почитува членот 21 од Законот за извршување на буџетот за 2024 година во кој вработените во единките корисници, правото на додаток на плата за прекувремена работа првенствено го остваруваат преку користење слободни часови, односно денови, колку што биле ангажирани за работата надвор од редовното работно време доколку во буџетот на единката корисник не се обезбедени средства за исплата на додаток на плата за прекувремена работа, а со користењето слободни денови за вработените не се нарушува редовниот работен процес во извршувањето на работните задачи.
Обезбедените средства за оваа намена подразбираат дека единките корисници не треба да достават барање за исплата на плата кое ќе биде поголемо од утврденото месечно право за исплата на плата, односно од обезбедените буџетски средства во масата на плати.
Министерството за култура и туризам нагласува дека во Буџетот на РСМ за 2024 година наменет за плати не се обезбедени дополнителни средства за додаток на плата што го бараат вработените во НУ „Охридско лето“ – Охрид, за дополнителни работни задачи кои треба да бидат претходно извршени од страна на вработените во „Охридско лето“, преку преземање пропишани дејства во согласност со закон.
За горенаведените неправилности, и Министерството за финансии во својот одговор од 23 септември 2024 година му укажа на раководството во НУ „Охридско лето“ – Охрид.
Министерството за култура и туризам со ова соопштение до јавноста реагира и на неоснованите јавни напади што СКРМ ги искажува кон вработени државни службеници во МКТ, кои работат исклучиво во согласност со законските прописи, а во конкретниот случај и во согласност со мислењата добиени од страна на МФ.
Сметаме дека во иднина ваквиот однос на неосновани обвинувања од страна на СКРМ треба да се промени во насока на дијалог за сите отворени прашања, а со цел правилно и вистинито известување, што е во интерес не само на вработените во културата туку и на целокупната јавност.