Претставата „Собирачи на пердуви“ во режија на Дејан Пројковски, a во продукција на Српски народен театар (Српско народно позориште) од Нови Сад, ја освои првата награда на реномираниот фестивал „Театар во тврдината“ во Смедерево. На овој традиционален фестивал кој се одржува веќе 11 години, публиката ги оценува претставите.
– Во сериозна конкуренција имаше пет претстави, а највисоката оценка (4,81) на годинашниот фестивал, на кој публиката имаше можност да ги искаже своите впечатоци од претставите што ги гледаше, со рејтинг и гласање, ја доби претставата „Собирачи на пердуви“ во продукција на Српскиот народен театар од Нови Сад, во режија на Дејан Пројковски – се вели во официјалното соопштение на фестивалот.
Премиерата на претставата „Собирачи на пердуви“ се одржа во ноември минатата година во Нови Сад. Претставата е по текст на Александар Петровиќ, според кој е снимен истоимениот филм, добитник на „Гран при“ на Канскиот фестивал во 1967 година. Драматургијата и адаптацијата се на Сашо Димовски, сценограф е Валентин Светозарев, а композитор е Оливер Јосифовски, кој музиката ја изведува во живо со оркестар на сцена. Во претставата играат 30 актери од СНП, меѓу кои и Марко Савиќ, Марта Береш, Милан Ковачевиќ, Александар Гајин, Јована Балашевиќ и други.