Во рамките на годишната програма на НУ Музички ансамбл на РС Македонија – Тетово, денеска (4 октомври) на сцената на Центарот за култура во Тетово ќе биде изведена симфониската бајка за деца „Петар и волкот“, концерт наменет за најмладата публика.
„Камерниот оркестар, под палката на диригентите Агона Чупи и Ангел Спироски, и нараторот Рахим Рамадани ќе ги водат најмладите во прекрасниот свет на класичната музика на Сергеј Прокофјев, во две претстави на македонски и на албански јазик. Во 16 часот е закажана изведбата на албански јазик, а од 17 часот следува изведбата на македонски јазик“, информираат од оваа национална установа.
Оттаму додаваат дека овој едукативен концерт на уникатен начин ги запознава децата со класичната музика, со музичките инструменти, нивниот тон и претставува можност да ги доживеат ликовите опишани преку музика.
Влезот е бесплатен, а концертот е наменет за деца од рана училишна возраст над 6 години.