Заменик-министерот за култура Даим Лучи денеска во културниот центар „Јадро“ се обрати на првата инфо-сесија во рамките на проектот „Младински културен фонд на Западен Балкан“, финансиран од германското федерално министерство за надворешни работи и имплементиран од Регионалниот Канцеларија за младинска соработка (RYCO).
Лучи во своето обраќање истакна дека „Младинскиот културен фонд на Западен Балкан“ ја отелотворува визијата дека културата, кога е надополнета со младинска енергија, станува динамична сила за промени.
„Инспириран сум да сведочам дека нашата младина е подготвена да го обликува културниот пејзаж на нашиот регион. Нашите традиции, фолклор и уметност не се само остатоци од минатото, всушност тие се живи компоненти што се развиваат, негуваат и повторно рекреираат од иновативните умови на нашата младина. Се надевам дека овој фонд ќе им овозможи на младите уметници и културни ентузијасти да ги изнесат своите уникатни перспективи, поттикнувајќи ги регионалната соработка, меѓукултурниот дијалог и стабилноста“, рече заменик-министерот Лучи. Тој дополни дека „Младинскиот културен фонд“ претставува доверба во потенцијалот на нашата младина, доверба во моќта на креативноста за премостување на поделбите и доверба во перспективата за обединет Западен Балкан, кој ќе напредува во неговата различност.
Свои обраќања на настанот имаа и амбасадорката на Германија во нашата држава, Петра Дрекслер, директорот на Агенцијата за млади и спорт, Наумче Мојсовски, како и претставници на Регионалната канцеларија за младинска соработка.
Целта на инфо-сесијата е да им овозможи на младите уметници и културни практичари сеопфатно разбирање на особеностите на Младинскиот културен фонд на Западен Балкан. Ова вклучува детали за критериумите, процесот на аплицирање за два вида грантови за културни практичари и невладини организации, рокови, итн.
Младинскиот културен фонд на Западен Балкан е нов повеќегодишен проект, дизајниран за културни практичари и граѓански организации кои се занимаваат со младите и културата. Проектот има за цел да го поддржи културниот активизам предводен од младите и креативните решенија за итни социјални и политички прашања во Западен Балкан, преку придонес во регионалната соработка, меѓукултурниот дијалог, градењето мир и помирувањето.