Во Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Скопје, со пригодна свеченост денеска (7 декември) ќе биде прославен патрониот и државен празник – Свети Климент Охридски и ќе се одбележи 50-годишнината од пуштањето во употреба на објектот на НУБ „Св. Климент Охридски“ – Скопје, проектантско дело на еминентниот македонски архитект Петар Муличкоски. На свеченото одбележување ќе присуствуваат заменик-министерот за култура Даим Лучи, како и претставници на дипломатскиот кор.
На свеченоста ќе бидат доделени благодарници за особен придонес и поддршка на институцијата, а во вториот дел, проф. д-р Митко Панов ќе има беседа за Св. Климент Охридски, потоа проф. д-р Минас Бакалчев ќе има реч за објектот на НУБ „Св. Климент Охридски“, а Бојана Муличкоска од име на семејството ќе зборува за проф. Петар Муличкоски.
Свеченоста ќе продолжи со доделување на наградите „Библиотека на годината“ за 2022 година и на „Климентова повелба за животно дело“ од страна на Библиотекарското здружение на Македонија, како и на традиционалните награди на вработените во оваа институција. Ќе биде отворена и изложба посветена на 50-годишнината од пуштањето во употреба на специјалниот наменски објект на НУБ „Св. Климент Охридски“, како и изложба на дела од еминентни ликовни уметници на кои е претставен Св. Климент Охридски од колекцијата на Климе Коробар.