Во Драмскиот театар денеска (20 мај) во 19:30 часот, на писателката Лидија Димковска ќе ѝ биде врачена наградата „Роман на годината“ за 2023 година.
Од Фондацијата „Славко Јаневски“ информираат дека годинашното врачување на наградата ќе биде во знакот на обележување на 25-годишнината на „Романот на годината“. За таа цел ќе биде отворена и изложбата „25 романи на годината“, на која ќе бидат претставени сите книги што досега ја добија оваа награда.
Во рамките на свеченоста ќе бидат прикажани и видеоматеријали за значењето на наградата, а ќе настапи и бендот на Гоце Стевковски.
Од Фондацијата „Славко Јаневски“ информираат дека на свеченоста ќе бидат доделени и повеќе благодарници на организации и поединци заслужни за развојот на наградата, меѓу кои е и Министерството за култура, како долгогодишен поддржувач.