Светски познатиот виолинист од Литванија, Џулијан Рахлин, на 12 јули на Античкиот театар во Охрид ќе го отвори годинашното 64-то издание на фестивалот „Охридско лето“. Етаблираниот уметник ќе настапи како диригент и виолинист, заедно со оркестарот на Националната филхармонија.
На денешната прес-конференција, директорката на НУ „Охридско лето“, Наташа Поповиќ, објавувајќи ја фестивалската програма, рече дека од 12 јули до 20 август на отворените сцени: Антички театар, Долни Сарај, предворје на „Св. Софија“, како и црквата „Св. Софија“ и Центарот за култура, ќе бидат пречекани над 500 уметници од 24 земји и, секако, домашни уметници.
Уметничката програма конципирана од селекторките Бисера Чадловска и Сања Арсовска ќе донесе 36 неповторливи доживувања, од кои најголемиот дел од областа на класичната музика, шест театарски креации и по една изложба и промоција на книга.
Репертоарот на класичната музика ќе донесе звучни имиња, меѓу кои: пијанистот Бери Даглас од Велика Британија, гитаристот Герхарт Рајхенбах од Германија, како и француско-белгискиот дует на виолончело и пијано, Ками Тома и Џулиен Брокал. На програмата ќе биде и македонскиот реномиран гитарист Влатко Стефановски. Роденденот на „Охридско лето“ на Долни Сарај ќе се прослави со спектакуларен настан, со салса-ансамблот „Меркадонегро“.
Во театарската програма, првата премиера ќе се одржи на 22 јули со претставата „Галеб“ на Народниот театар од Битола, во режија на Багријана Попов. На 28 јули, премиерно ќе биде изведена Шекспировата „Крал Лир“ во режија на Џон Блондел, во продукција на театарот „Лит Мун“ од Калифорнија, САД, а во копродукција со Финска, Ерменија и Северна Македонија. Предвидена е и премиера на претставата „Рацин“, по драматизација на Сашо Димовски, а режија на Дејан Пројковски, што Велешкиот театар ќе ја изведе на 30 јули. Ќе бидат прикажани и театарските претстави „Безгрешна“ со СНГ драма од Марибор, „Лет над кукавичкото гнездо“ со Драмскиот театар од Белград, стендап шоу на српскиот и холивудски актер Никола Ѓуричко, како и претставата „Алиса во земјата на стравовите“ во продукција на Југословенскиот драмски театар од Белград, која ќе ја спушти завесата на годинашното фестивалско издание.