На големата сцена на најпрестижната концертна сцена во глобални рамки, „Музикферајн“ во Виена, Австрија, вечер (2 март) ќе се одржи светската премиера на оркестарската верзија на проектот „Македонисимо“ на Симон Трпчески и пријателите.
Во аранжман на Панде Шахов, бисерите на македонската традиционална музика ќе ги изведе добро познатиот квинтет во чиј состав, покрај Трпчески, се и Александар Краповски, Александар Сомов, Хидан Мамудов и Влатко Нушев, заедно со австрискиот оркестар „Тонкунстлер“, под диригентската палка на маестро Јутака Садо од Јапонија.