Македонскиот центар ИТИ/Продукција, како дел од глобалната иницијатива на ИТИ УНЕСКО, традиционално ги проследува светската и македонската порака по повод Светскиот ден на театарот – 27 Март.
Светската порака по повод Светскиот ден на театарот ја напиша драмскиот автор и писател од Норвешка, нобеловецот Јон Фосе, додека, пак, македонската порака ја напиша доајенот на македонскиот театар и еден од најзначајните театарски и филмски актери и режисери, Коле Ангеловски.
– Уметноста, добрата уметност успева на свој, чудесен начин, да ги соедини уникатното со универзалното. Но ни допушта да разбереме каде е разликата, на она што би се рекло – што е уникатно, а што универзално; и со тоа, уметноста ги пробива јазичните бариери, географските граници на сите земји, држави; и ги соединува, не само индивидуалните квалитети на луѓето, туку и индивидуалните особености на сите групи на народи, од сите нации – пишува Фосе во светската порака, заклучувајќи: Војната и уметноста се спротивности, исто како што се и војната и мирот – толку едноставно. Уметноста е мир.
Доајенот на македонскиот театар, Коле Ангеловски, во македонската порака по повод Светскиот ден на театарот вели дека овој ден е голем празник за театарџиите.
− Тој ни доаѓа како куќна слава. И тогаш театрите се обидуваат, на тој ден, да дадат премиера (по можност добра) па потоа коктелче, баш како на куќна слава. Јас имав посебна среќа што нa 27 март два нови театри се отворија со мои претстави. Театарот за деца и млади со преставата „Чудовиштата од нашиот град“ според текст на Русомир Богдановски, тогаш македонската порака за Денот на театарот со специјален хелиобалон беше испратена во вселената. По неколку години се отвори и Театарот „Комедија“ со „Ах, љубов моја“ со мои текст и режија. Долго време сум во театарот и имав прилика да доживеам два радикално различни периоди во животот на македонскиот театар“ − пишува во пораката нашиот истакнат режисер Ангеловски.
Инициран во 1961 година од страна на Меѓународниот театарски институт, Светскиот ден на театарот се одбележува насекаде низ светот со различни национални и меѓународни театарски настани.