Саем на книгата 2025: Чествување на 80 години македонски литературен јазик

од admin_kult

Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, денеска официјално го отвори Саемот на книгата во Скопје, настан кој традиционално привлекува љубители на пишаниот збор, автори и издавачи од целата земја и регионот. Оваа година, Саемот има особено значење, бидејќи се совпаѓа со осумдесетгодишнината од кодификацијата на македонскиот литературен јазик.

Во своето обраќање, министерот истакна дека Саемот не е само прилика за продажба на книги, туку и значаен настан за промоција на културните вредности и идентитетот на македонскиот народ. „Книгата е многу повеќе од објект; таа е духовен дом, сведоштво за нашата историја и надеж за иднината. Во време на дигитализација, книгата продолжува да биде наш најмоќен отпор против заборавот и извор на интелектуална слобода“, нагласи министерот Љутков.

На отворањето на Саемот, покрај министерот, се обратија и претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, Никола Селаковиќ, министер за култура на Република Србија, кој ја истакна важноста на соработката помеѓу македонските и српските автори и издавачи, нагласувајќи дека литературата претставува мост на луѓе и култури, м-р Милка Тримчевска, директорка на Бирото за развој на образованието, која порача дека читањето е основа за образованието и развојот на критичкото мислење кај младите и Даниела Глигоровска, управител на Скопски Саем, која изрази задоволство што Саемот по една година повторно се одржува и нагласи дека овој настан е важен за сите љубители на книгата.

Министерството за култура и туризам продолжува со својата посветеност кон поддршка на издаваштвото и промоција на читањето, особено меѓу младите, како и заштита на македонскиот јазик како непроценливо културно богатство.

На Саемот, посетителите ќе можат да учествуваат во разни активности, да присуствуваат на промоции на нови дела и да се запознаат со македонската книжевност во целост.

„Денешниот ден е празник на слободната мисла, на различноста и љубопитноста. Нека не залажува брзината на времето, вистинските вредности не трчаат, тие чекорат полека и сигурно“, заврши министерот Љутков.

Можеби ве интересира:

Страницата на Министерството за култура на РС Македонија користи т.н. „колачиња“ со цел да обезбеди подобро корисничко искуство. Прифати Повеќе