Во чест на 100 години од раѓањето на сликарот Вангел Наумовски и 70 години од неговата прва самостојна изложба, во галеријата „Охридска порта – Љубица“, на Илинден, 2 Август, ќе биде отворена ретроспективна изложба на дела од уметникот.
По традиција, изложбата се одржува на денот кога била и првата изложба на Наумовски во 1954 година и почнува со Илинденските камбани. По нив следува рециталот „Да се биде Македонец“ на актерот Петар Темелковски. Потоа е предвидено обраќање на академик Јордан Плевнеш кој ќе ја презентира неговата творба „Песна за бесмртниот Вангел“.
Пригодна реч е предвидено да има градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, по што ќе следува презентација на тродимензионалната поставка „Универзумот на Вангел Наумоски“ од уметникот Трајко Митрески. На настанот збогатен со музичка програма ќе бидат прикажани и инсерти од документарен филм и архивски снимки со уметникот Вангел Наумовски.