Со поддршка на Министерството за култура годинава Националната установа Универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Битола по втор пат ја претставува Република Северна Македонија на Меѓународниот саем на книгата кој од 21 до 24 март се одржува во Лајпциг, Германија.
Гости на македонскиот штанд во рамки на Европската мрежа за литература и книги Традуки, на Саемот на книга во Лајпциг, се македонските поети Никола Маџиров и Ивана Јовановска. Тие ќе бидат дел од настанот „Поезија за неприпаѓањето. Лирски импресии од Северна Македонија“ кој треба да се случи во сабота на 23 март.
Меѓународниот саем на книгата во Лајпциг, Германија, е една од најзначајните книжевни манифестации во Европа. Воедно придонесува за промоција на авторите што се претставуваат на Саемот и ги зголемува нивните шанси да бидат преведени на германски, но и на други јазици од светот и од регионот.
На Саемот, на кој се претставени околу 3 000 изложувачи од 40 земји, ќе се реализираат голем број настани.