Студиската програма за македонски јазик и книжевност на Филолошкиот факултет при Универзитетот во Тетово на 9 април 2025 година организираше еднодневна работилница, чија цел беше да им помогне на матурантите за полесно да го положат задолжителниот испит по предметот Македонски јазик и литература. Интересот од страна на матурантите од сите средни училишта од Тетово беше навистина голем.
Работилницата по предметот Македонски јазик и литература беше организирана од страна на професорите од оваа студиска програма. Проф. д-р Веселинка Лаброска, проф. д-р Маја Јакимовска-Тошиќ, проф. д-р Марина Спасовска, проф. д-р Лилјана Гушевска, проф. д-р Марина Даниловска, како и м-р Анета Ацоска, професорка по предметот Македонски јазик и литература во Гимназијата „Кирил Пејчиновиќ“, имаа подготвено интерактивни вежби од областа јазик, посочија на што треба да се обрне особено внимание при решавањето на тестот, а дадоа и инструкции и насоки за пишување на задолжителниот есеј. Беа засегнати клучните аспекти што им се потребни на матурантите за успешно надминување на предизвиците со кои се соочуваат при полагањето на државната матура.
Организирањето на оваа работилница прерасна во традиција, а оваа година таа е застапена и во рамките на годишната програма за одбележување на 80-годишнината од кодификацијата на македонскиот стандарден јазик.