Македонскиот камерен оркестар „Профундис“ в сабота, 8 јули, ќе настапи на еден од најпрестижните фестивали за класична музика во регионот, „Раванелиус“, во Ќуприја, Србија. „Профундис“ ќе биде дел од затворањето на овој музички фестивал.
Реномираниот камерен оркестар „Профундис“ е единствениот македонски претставник на овој фестивал, а на сцената со „Профундис“ како солист ќе настапи српскиот кларинетист Огњен Поповиќ.
Инаку, Фестивалот на музички извонредности „Раванелиус“ е еден од најпрестижните фестивали во регионот кој преку својот современ концепт придонесува за развој на класичната музика.
Годинашното издание, кое се одржува од 1 до 8 јули, го отвори виолинистиот Немања Радуловиќ. Во своето четиригодишно постоење, Фестивалот се закити со престижното признание „Музика класика“ за најдобар регионален фестивал во регионот и беше домаќин на над 150 изведувачи со над 4 000 посетители.