По повод 60 години Универзална сала – Скопје, денеска во 12:00 часот во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ (прв кат) ќе се одржи промоција на монографијата „Скопскиот симбол на хуманоста“ од авторката Весна Дамчевска.
Монографијата излегува по повод 60 години од зачетокот на благородната идеја да се изгради Универзалната сала која е замислена како мултифункционален простор наменет за организирање разни манифестации, културно-уметнички и помали спортски настани.
Книгата претставува трајно сведоштво за историјатот на институцијата каде што преку информации, податоци, архивски материјали, текстови, фотографии, интервјуа… се потврдува нејзината историја и културолошко значење. Опфатени се и многубројни настани што традиционално се одржувале во овој простор, над 5 000 манифестации, што ги проследиле над 5 800 000 посетители.
Монографијата „Скопскиот симбол на хуманоста“ е четврта авторска книга на Весна Дамчевска и е издание на ЈУ Универзална сала – Скопје, објавена со поддршка од Град Скопје.