На 21 април 2022 година во КИЦ на РСМ во Софија, со почеток од 18:30 часот, ќе се одржи промоција на бугарското издание на книгата „Залутани записи“ од македонскиот писател Иван Шопов. Делото е во издание на издавачката куќа „Ерго“, а на бугарски јазик ја преведе Тања Попова. За книгата ќе говорат Мартин Христов од издавачката куќа „Ерго“, Тања Попова и бугарскиот писател и сценарист Михаил Вешим.
– Во „Залутани записи“ се собрани кратки раскази и есеи од македонскиот сатиричар Иван Шопов. Тие се духовит сеизмограф на нашето време, хроника која нѐ тера да се насмевнеме, но често таа насмевка има горчлив вкус. На централно место во книгата се поставени малите луѓе и страничните појави и настани, кои не може да се сретнат во учебниците по историја и туристичките брошури – информираат од КИЦ Софија.
Иван Шопов (1987, Скопje) дипломира на Факултетот „Блаже Конески“ при УКИМ во Скопје, на насока „Општа и компаративна книжевност“. Автор е на: зборникот раскази „Азбука и залутани записи“ (2010), за кој ја добива наградата „Новите!“ за најдобра дебитантска проза; стиховите во проза „Меше на годината“ (2012); зборникот раскази „091 – антиразгледници од Скопје“ (2018); зборник сатира „Хрониките на Арслан Новинарски“ (2018); миникнигата „Осум наративни прошетки со фиќо или што научив за пишувањето од застава 750“ (2019) и „Скопје: изгубените чевли на градот“ (2020). Пишува и поезија и хаику. Неговите раскази и стихотворби се преведени на англиски, романски, чешки, српски, хрватски, германски, словенечки и на бугарски јазик.